Наместо пенкала, маици, запалки, па дури и чорапи, како во минатото, за време на предизборната кампања овојпат наводно ќе се делат тегли со ајвар од страна на СДСМ Кавадарци. Така барем коментираат кавадарчани на социјалните мрежи посветени на градот, и деновиве масовно се споделува фотографија со тегли ајвар, на кои има етикети на кои пишува – Традицијата ја негуваме, иднината ја чуваме. Македонски ајвар, ЛК СДММ Кавадарци.
Коментари во кои кавадарчани се радуваат и пишуваат дека конечно ќе се дели добар пропаганден материјал, кој многу повеќе им годи отколку стандардните подароци кои ги добиваа предизборно, на врата, ги преплавија социјалните мрежи.
Но, сепак, напразна е радоста на оние кои поверувале дека предизборно ќе се ,,офајдат” со гратис ајвар, бидејќи од ЛК СДММ Кавадарци за ,,Фокус” потврдуваат дека се работи за неумесен обид на опозицијата да се поигра со СДСМ, но и со граѓаните.
-Ова е една аматерска фотомонтажа, на која за жал, има и такви кои и поверуваа. Нема ниту ајвар како пропаганден материјал, ниту пак било кога се рагледувала можност да се дели зимница како дел од кампањата. Фотомонтажата првин се објави на социјален профил чии администратори се лица од опозицијата, а потоа се прошири во јавност, но вистината е дека ова е само едно поигрување со јавноста- велат од СДММ Кавадарци.
Појаснуваат дека се уште немаат информација што се ќе се има во пропагандниот материјал, и категорично ја отфрлаат можноста за вклучување на прехрамбени производи во материјалите кои евентуално ќе им бидат поделени на граѓаните.
-Ние од СДСМ Кавадарци нема да правиме вакви монтажи, иако денес со помош на технологијата се е можно и лесно достапно. Се залагаме за фер избори и чесна кампања без манипулации – ни изјавија од партијата.
Вики Клинчарова