Новинарката Соња Крамарска денеска добила известување од менаџментот на Македонија Медиа Принт (МПМ) дека е сменета од позицијата главен и одговорен уредник на „Утрински весник“, односно дека ќе биде прераспределена, објави НОВА.
Крамарска веста ја добила тукушто вратена од боледување, а наводно, пред новогодишните празници менаџментот и ја понудил позицијата главен и одговоред уредник во весникот „Вест“, но таа одбила. Денеска во МПМ стартуваше и новиот главен и одговорен уредник на „Вест“, Горан Петрески кој доаѓа од МТВ на местото на Горан Михајловски.
МПМ ги издава трите дневни весника „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, како и други спортски и забавни магазини и весници. Компанијата МПМ е поседувана од „Графички центар ДОО“, која пај ја поседуваат три фирми – „Мирекс Плус“, „Орка Холдинг“ и „Интернет инвестмент гроуп“. Зад трите фирми сопственици на Графички центар ДОО, стојат бизнисмените Орце Камчев, Србинот Веселин Јевросимовиќ кој ги поседува и мнозинството акции во ТВ Алфа и поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор во Германија,Срѓан Керим.
Откако претходниот сопственик на МПМ, германскиот концерн ВАЦ, ја продаде компанијата, новата сопственичка тројка смени безброј уредници и новинари. „Дневник“ во мислечката јавност беше окарактеризиран како обезличен и како алатка за пресметка против сите неистомисленици на владејачката ВМРО ДПМНЕ. „Утрински“ се бореше да го задржи интегритетот, а најсилна брана против притисоците од менаџментот постави претходниот главен уредник во „Вест“ Горан Михајловски. Сега тој е заменет со Горан Петерески, досегашен уредник на информативната програма на МТВ чиј интегритет и професионалност станаа предмет на жестоки дискусии во фелата, но и помеѓу граѓаните за време на неговата работа во МТВ со обвинувања за незастапеност на граѓанските интереси во вестите на јавниот сервис, ами на оние партиските на ВМРО ДПМНЕ. Пред да продолжи со својата кариера во МТВ, тој беше уредник во А1 и критичар на власта. Денеска почнува да го предводи тимот на „Вест“, а вработените стравуваат дека менаџментот преку новиот уредник планира да го освои и последниот бастион на слободата во МПМ.