Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Што добивме од новата надворешна политика? Ништо. Што загубивме? Загубивме едно, со мака стекнато, пријателство и довербата на голема светска сила, која заедна со нас а против наеразумната политика на својот партнер во ЕЗ, работеше на можно решение, значи не тоа што е исклучиво во наш интерес. Со сета должна почит кон авторот на извештајот и членовите на делегацијата (непозната за мене како министер за надворешни работи), би се обложил дека британските соговорници, откога останале сами во просторијата, умреле од смеење. Верувам дека во тоа смеење имало и чувство на олеснување. Политиката на соработка, а не на конфронтација, која дотогаш ја водеше Македонија ги обврзуваше западните политичари, како што самите тоа ми го потврдуваа, да се грижат за нас. Поинаква политика, ми велеа, би ги ослободило од грижата. Слободни, сега конечно беа слободни! Пред себе имаа претставници на една поинаква македонска надворешна политика. Имаа соговорник кој од тој морален аспект, колку и да е слаб во меѓународните односи, ги оставаше целосно рамнодушни, што убаво се гледа од белешките од разговорот. Сега, верувам, можеа сосема трезвено да мислат само на интересите на Велика Британија и на сојузите на кои им припаѓаат. Без „глупости“ од типот на искажаните зборови на Џон Мејџор, по претседателството и моето заминување од резиденцијата на британскиот премиер: ,,…Ова се луѓе на кои може да им се верува“, рекол.
ДИПЛОМАТИ СО СВОИ ИНТЕРЕСИ
Инаку, секогаш се сомневав во способноста на дипломатите кои своето искуство го стекнале во служба на една регионална сила како Југославија, со влијание во меѓународната политика диспропорцијално на нејзината реална сила, да се димензионират себеси и државата Македонија во меѓународниот простор. Тоа го забележав уште на првата средба која, како министер, ја организирав со поранешни дипломати во клубот на пратениците во Скопје, на почетокот од мојот мандат во 1991 или во разговор со дипломати кои се одзваа на моето писмо, ја напуштија југословенската дипломатија и се вратија дома. Како да не беа свесни за страотн тешката домашна и меѓународна позиција на Македонија: некои иронично протестираа зошто не се служи виски на состанокот, други со денови ме замеруваа за патни и селидбени трошоци што им ги должи Белград, трети бараа одложување на нивното враќање заради обврски на нивните деца во училиштата во странство, четврти се жалеа на нивната моментална позиција во Министерството, четврти зборуваа за некаков маестрален дипломатски потег, каков што беше предлогот за федерација со Грција, со кој Македонија ќе ги реши проблемите и ќе стане автоматски членка на ЕЗ…
Истата состојба на умот јс сретнав, подоцна, во првите македонски дипломатски претставништва во странство: кажувања дека дипломатијата била „скап спорт“, па не сум требало да ги оптоварувам со мисли за проблемите на работниците во „Железара“ или „Цементара“.Таа структура, го разбрав и практично тоа што го знаев од теоријата, има свои интереси кои може да се во конфликт со поширокиот општествен интерес. Оттаму, исто така како што на чело на министерството за одбрана не треба да има генерал, и на чело на министерството за надворешни работи не треба да има професионален дипломат… Политичарот, тој што одговара пред парламентот, кој пак е избран од народот мора да има контрола врз дипломатскиот апарат, подеднакво како што треба да го контролира воениот или безбедносниот апарат. Контрола? Да. Од тоа дипломатот во ресторан да не порачува јастог на сметка на државата (или подобро кажано, на народот) туку некое поскромно јадење, до тоа да не ја формулира туку да ја спроведува надворешната политика, за која е одговорен министерот. И така натаму, и на тоа слично…
ЗОШТО ГЛИГОРОВ НЕ МЕ ИНФОРМИРАШЕ?
Неинформиран за потезите на претседателот Глигоров, кој морал барем да ги прифати иницијативите на Никовски, креаторот на „алтернативната надворешна политика“ и со некакво претчувство дека сега јас сум „алтернативната политика“, од 12 до 22 јануари 1993 престојував во Њујорк, за да го видам расположението кај амбасадорите околу нашиот прием во ОН. Се разбира, амбасадорите не се вистинските соговорници на еден министер, за такво деликатно прашање какво што е грчко-македонскиот спор. Вистински соговорници се најмалку нивните министри за надворешни работи кои им даваат инсрукции на своите претставници во ОН. Значи, вистинските луѓе беа Мејџор, Херд, Хог, ОНил…Но, за мене таа приказна заврши. Не бев ни свесен дека соработката со Британците веќе се преобразила во конфронтација. Како што гледам на работите денес, претседателот Глигоров едноставно се ослободи од двостраниот притисок за барање рано решение за спорот – притисокот од Британците и мојот, како негов најблизок соработник во сферата на надворешната политика. Зошто не ме информира за планот да ја смени политиката? Можно ли е одговорот да е во основната идеја на „Кралот Лир“ од Шекспир: „Кралот не е татко“?
Издејствувавме средба со генералниот секретар Бутрос Гали, со кого требаша да се сретнам на крајот од десетдневниот престој. Меѓутоа, и во овој случај, вистинскиот соговорник не е ниту генералниот секретар туку некој кој е позначаен од него – претставник на некоја голема западна сила. Се уште не знам што очекував од оваа посета која беше толку напорна, а во основа толку бескорисна од аспект на решението на проблемот. Значи, барав итен прием на државата во членство во ОН и се правев дека проблем нема со образложение дека мојата држава ги исполнува сите услови за прием од повелбата на ОН. Згора на се, Македонија има право да каже како ќе се вика. Претставниците на другите држави, пак, особено членките на Советот за безбедност, имаа свои приказни. Во сите нивни приказни беше и „проблемот што го нема“.
(Продолжува)