-Сакам да им се обратам на полицајците и да ги прашам дали нивните колеги почиваат во мир? Дали нивните колеги што загинаа на тој крвав настан ланска година, дали на истите тие нивни колеги им се упокоени душите? Поради тоа што тие колеги загинаа за овој народ, не за фамилијата на власт, праша Благојчо Георгиев.
Тој од својата инвалидска количка ги потсети полицајците дека во заклетвата тие се заколнале дека ќе го бранат народот, државата и суверенитетот и интегритетот на државата, а не фамилијата на власт, кои според него, ја направиле државата приватна фирма.
– Полицајци, овде, помеѓу овие шарени револуционери се вашите братучеди, браќа, сестри, вие треба да го штитие овој народ, не да штитите 10 души криминалци, криминална банда кои го уништуваат овој народ. Јас се борам во исто време на два фронта, еден фронт во животот, кој не му го посакувам никому, другиот фронт ми е овде на улицата, заедно со шарените револуционери, за да се избориме за подобро утре за да не страдаат нашите деца. Нашите деца да бидат горди на нас, а не да се срамат и да ги гледаме преку скајп. , рече Георгиев.
Тој беше поттикнат да зборува од годишнината од Кумановската акција во која загинаа осуммина припадници на полицијата. Претходно, демонстрантите по повод Денот на полицијата на специјалците од кордоните им поделија ружи. По настапот на „Белизе бенд“ демонстрантите ја обоија во шаренило зградата на МРТВ. Тие со боја напишаа „Крај на програмата на Шарената револуција“. Пред да повикаат на слобода за новинарите и да образложат зошто МТВ е партиска, а не граѓанска телевизија, демонстрантите помина преку мостот „Слобода“ кај Министерството за надворешни работи и ја обоија милионската ограда во боите на граѓанската револуција.