Необична приказна се случила во белградската населба Чукарица кога, неофицијално, крадец упаднал во куќа и починал барајќи пари и накит, дознава „Телеграф.рс“.
За случајот известени се полицијата и надлежното Обвинителство.
Според информациите, грабежот се случил пред два дена, во текот на ноќта, кога маж го скршил стаклото на вратата од куќата и влегол внатре. Жената која била во неа побегнала и повикала полиција.
Сепак, на крадецот најверојатно му се слошило и лекарите од итната помош можеле само да констатираат смрт.
По наредба на обвинител, телото е пренесено на обдукција. Неофицијално, на неговото тело немало видливи повреди, па најверојатно се работи за природна смрт.
Се чекаат резултатите од обдукцијата, како и утврдувањето на идентитетот, бидејќи мажот немал документи со себе.