Поради тоа што не добил доволна поддршка од грчкиот премиер во кавгата со Каменос за време на вчерашната владина седница, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас се заканил дека ќе си поднесе оставка. Ова, повикувајќи се на свои информации, го објавија дел од грчките медиуми.
Несогласувањата меѓу двајцата министри Каменос и Коѕијас, како што вчера објави МИА, прераснале во жолчна расправија. Според грчките медиуми, од една страна поради ставовите на помалиот коалициски партнер во владата во однос на Договорот од Преспа и надворешната политика, а од друга страна, атмосферата се вжештила и кога Каменос ги споменал тајните фондови во грчкото МНР.
– Според информациите, министерот за надворешни работи се чини дека ја разгледува дури и можноста за поднесување оставка, бидејќи смета дека во конфронтацијата со министерот за одбрана, немаше доволна покриеност од Алексис Ципрас, пишува грчкиот весник „Та неа“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, истата информација ја објавија и голем дел други грчки медиуми, додека, пак, кавгата меѓу Каменос и Коѕијас се најде на насловните страници на денешните изданија на весниците, но беше и главна тема во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии.
Весникот „Та неа“, во денешното издание пишува дека инцидентот почнал кога збор земал Каменос и рекол дека во програмата на коалициската влада на СИРИЗА и Независни Грци имало договор дека прашањето за името во грчкиот Парламент ќе дојде по изборите, „иако Ципрас ми рече дека Договорот од Преспа е избор на владата“.
Според истите извори, Никос Коѕијас вознемирен побара збор и заради споменување на фондовите во МНР од страна на Каменос. Според членовите на министерскиот совет, директно го обвини Каменос дека „се обидува да води надворешна политика на товар на владата и на земјата“, пишува „Та неа“.