Склучивме меѓународен договор и ги земавме предвид нашите и нивните интереси, треба да живееме во мир, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, коментирајќи го договорот меѓу Македонија и Грција, во интервју за грчката телевизија „Антена“.
Во однос на информациите и тврдењата на поранешниот пратеник од Независни Грци, Димитрис Каменос дека со договорот Грција во замена добила економски олеснувања, Никос Коѕијас категорично демантира.
– Не дадовме ништо за да добиеме нешто во замена, направивме најдобар договор, вели министерот за надворешни работи на Грција.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, по објавувањето на договорот, во Грција, не стивнуваат негативните реакции, во однос на вклучувањето на терминот „македонски“ за јазикот и државјанството. Никос Коѕијас, во однос на јазикот повтори дека тој е уште од 1977 признат во ОН, додека пак за самоопределувањето рече дека тоа е право кое што никој на никого не може да му го одземе.
– Во однос на прашањето Македонија и Македонци, тоа е она што тие во преговорите, го поставија како главна тема за која не преговараат, да го задржат нивното самоопределување. А главното и најтешко прашање во преговорите, е да не им го дадеш. Затоа што, ако не им го дадеш, го негираш највисокото право признаено од ОН и меѓународното право за самоопределување, односно правото да се именуваат онака како што тие сакаат. Ако го сторевме тоа, немаше да има договор, рече Коѕијас.
Коментирајќи ги реакциите во Грција, тој рече дека мнозинството од народот сфаќа дека грчката Влада „не создаде, туку реши проблем“, но и дека „секоја промена создава несигурност и прашања“, исто како кога „некој што е целосно вљубен и се спрема за брак и ќе умре ако не се ожени, но се прашува дали е тоа правилно.“
За последната анкета според која седум од десет Грци се против договорот и вклучен терминот Македонија во името, Коѕијас вели дека 47 отсто наспроти 44 отсто од граѓаните се согласуваат со владата според актуелните истражувања.
– Тоа истражување е објавено пред три години и го објавуваат повторно сега. Ги знам јас тие работи, ги проучувам. Тоа е истата анкета со истите резултати. Имам и јас актуелни истражувања. На почетокот во водство беа оние што имаа сомнежи и сега со мала разлика оние што се согласуваат со нас. 47 отсто наспроти 44 отсто се, истакна Коѕијас за „Антена“, пренесе МИА.
Шефот на грчката дипломатија изрази надеж дека договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент и покрај несогласувањата од коалициониот партнер во владата, дека сепак ќе биде поддржан не од Независни Грци, туку од пратеници на опозициските партии.
На прашањето зошто и во Грција нема да се одржи референдум, Коѕијас рече дека тие не менуваат Устав или име за да треба народот да одлучува.
Никос Коѕијас во интервјуто го коментираше договорот, колку е тој и во кои делови корисен за Грција, но и за стабилноста во регионот и повторно упати критики до опозициската Нова демократија за позициите што партијата ги имала додека се воделе преговори кога била на власт.