Македонија и Албанија треба да разберат дека нужно е да почнат да функционираат демократски и да ги спроведуваат демократските принципи на Европската Унија, порача шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, по Советот за надворешна политика на ЕУ, пренесе Мета. Коѕиас во изјава за грчката државна телевизија ЕРТ, истакна дека на Советот била изразена голема загриженост за политичката криза во Македонија и во Албанија.
Според него, главниот проблем е тоа што Македонија и Албанија ја гледаат ЕУ како финансиски спонзор и како можност да се учествува во еден моќен владејачки центар, а забораваат дека Унијата е систем со вредности и со демократија, кој бара неговите членки да се однесуваат соодветно и да ја следат културата на компромиси.
– Не може во државите северно од нас да не функционираат демократските процеси – посочи Коѕиас.
Коѕиас упати и апел до соседните држави на Македонија и на Албанија да не изразуваат јавно ставови за внатрешните политички проблеми во овие земји, односно да го следат примерот на Грција, која последниве две години, според него, не изразила ниту еднаш јавен став за внатрешно-политичките кризи во Македонија и во Албанија.