Мерката за задолжителен ковид-сертификат во Словенија денеска е малку олеснета, откако е одлучено тие да не бидат задолжителни за лицата што работат од дома, како и за оние кои полнат гориво, но не влегуваат во објектите на бензинските пумпи.
Оваа одлука е содржана во декретот донесен доцна синоќа, што следуваше по острите критики за задолжителен ковид-сертификат за оние кои работат од дома, особено за самовработените, пренесува словенечката агенција СТА.
Исто така, укинато е и задолжително поседување на ваков сертификат и за точење гориво на бензинските, мерка донесена пред десетина дена, која предизвика бурни реакции во јавноста.
Словенечката влада, исто така, одлучи спортските активности во затворен и отворен простор да се изведуваат без маски и дистанцирање, се додека учесниците имаат ковид -сертификат.
Од регионот Словенија о последниве денови воведе најригорозни мерки, кои иницираа протести, а на некои дојде и до судири со полицијата.