Од денеска во Израел стапуваат нови правила за издавање на ковид-пропусниците со кои речиси два милиона граѓани ќе останат без нив бидејќи не примиле трета или т.н. „бустер“ доза.
Според новите правила, ковид-пропусницата од денеска важи само шест месеци по примената последна доза и овие промени, според извештаите во израелските медиуми, засегаат 1,7 до 1,9 милиони Израелци.
Досегашните сертификати повеќе не важат и граѓаните треба да извадат нови преку веб-страницата на израелското Министерство за здравство или преку апликациите кои им се достапни од синоќа на полноќ.
Граѓаните кои прележале ковид-19, според новите правила, за да добијат пропусница треба да примаат една доза вакцина. За нив, сертификатот ќе биде валиден една недела од примањето на вакцината, а ќе истекува шест месеци по вакцинирањето.
Пропусници ќе добиваат и децата до 12 години, но ќе треба да имаат негативен ПЦР тест. Израелските власти овозможија и издавање на привремени пропусници врз основа на негативен тест, но за нив граѓаните ќе треба да платат освен оние кои не може да се вакцинираат од здравствени причини.
Сертификатите во Израел се потребни за пристап на голем број јавни места и настани, вклучувајќи ги и рестораните и музеите.
Паралелно со новите правила, израелските власти најавија дека од денеска ќе се зајакне и полициската контрола за пропусниците на местата каде има собири и во градовите со висока стапка на инфекција.
Израел е првата земја во светот која на своите граѓани им понуди трета доза. На 1 август започна со кампања за примање „бустер“ доза, првично за оние над 60 години, но сега трета доза е достапна за сите граѓани над 12 години. За да се добие трета доза, потребно е да поминат шест месеци од ревакцината.