Од утре, 6 декември, лабораториите за ковид во Ниш ќе престанат со работа поради недостиг на реагенси и медицински материјали, изјави за „Политика“ директорот на таа здравствена установа Милорад Јеркан.
Според него, во петокот лабораториите вршеле анализи само за најитните, најтешките и најкритичните пациенти користејќи ги последните резерви бидејќи со месеци немало нови испораки.
Јеркан рече дека уште на 28 септември испратиле официјално барање за обезбедување на реагенси и санитетски материјали.
– Бидејќи во меѓувреме не добивме никаков одговор од Републичкиот фонд за здравствено осигурување (РФЗО), а во последниот бран имавме во просек од 2.300 до 2.750 пациенти дневно на клиниките за ковид, официјално го повторивме барањето на 16 ноември“, изјави Јеркан.
Тој рече дека на 26 ноември, бидејќи сè уште никој од РФЗО не одговарал, била одржана итна, вонредна седница на Управниот одбор на Здравствениот дом, на која било констатирано дека установата е пред колапс и било одлучено веднаш д се испрати уште еден допис до Фондот за здравство.
– На 2 декември добивме одговор од подружницата на РФЗО во Ниш дека „на нашата институција нема да и бидат исплатени дополнителни средства за набавка на медицински материјал бидејќи се потрошени сите средства предвидени за овие намени за 2021 година“, нагласи Јеркан.
Тој додаде дека реагенсите не се ни споменати во дописот од РФЗО, иако се знае дека лабораториите не можат да работат без нив, односно не се можни анализи, брза дијагностика и одредување на потребната терапија за пациентите болни од Ковид-19.