Ковачки: Ковачевски дезертирал од војска во 2001 година

by Fokus

Според информациите кои стигнаа до нас, премиерот Димитар Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок и тоа токму во периодот на воениот конфликт во 2001 година, односно не одговорил на повикот на својата татковина кога за тоа бил побаран и кога ѝ бил најпотребен.

Како и сите граѓани на Република Македонија, кои во тој период служеа во редовите на АРМ, така и сегашниот нелегитимен премиер морал да се јави во војничките редови, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната прес-конференција.

„Причината поради која дезертирал е дека е, цитирам, трајно неспособен. Ковачевски, кој сега е премиер и ги ужива сите благодети на слободата и на демократијата, којашто ја има бидејќи луѓе загинале за таа слобода и демократија, додека тој бегал од војска, не се јавил на отслужување на воен рок и не се пријавил во 2001 година, иако бил повикан. Ковачевски е човек дезертер, кој не заслужува да ја води државата“, рече тој.

Тој го повика Ковачевски во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен, или лажел пред институциите и лекарите?

„Да излезе и да каже, во спротивно ќе објавиме сѐ што имаме. Доколку е навистина трајно неспособен, тогаш мора веднаш да се повлече од премиерската позиција“, рече Ковачки.

Поврзани новости