Ковачевски: Зошто би имал дуел со Мицкоски, кога него не го интересира дебата, туку блокада

by Fokus

Има време за ТВ дуел, кога ќе дојде време за тоа ќе имаме. Ќе имаме избори, па ќе имаме дебати, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за телевизиско соочување.

„Половина милијарда евра пари за граѓаните во моментов ВМРО-ДПМНЕ блокира во Собранието, јас не гледам зошто би одговорил на барањето на Мицкоски за телевизиски дуел, затоа што не го интересира дебата туку блокирање на процесите во државата“, рече Ковачевски во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

„Прво, еве за најновата тема која што е отворена кај нас а тоа е договорот за изградбата на коридорите 8 и 10-д, договорот со конзорциумот ‘Бехтел и Енка’ бараа дебата во собранието, го испративме договорот во Собранието, две недели не сакаат да закажат комисија. Потоа бараа дебата за уставните измени, не прифатија да бидат дел од комисијата за уставни измени каде што се води дебатата.

Потоа имаме тимови за преговори со ЕУ, каде што од прв ден ја поканивме опозицијата, не учествуваат а таму е место за дебата. Потоа имавме почеток на преговори со ЕУ каде што во преговорите исто така одбија да учествуваат, а можеа да ги кажат своите ставови“, додаде Ковачевски.

 

Поврзани новости