Ковачевски за посетата на Ескобар: САД сака да ја види Македонија во ЕУ

by Фокус

Премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното интервју за ТВ 21 зборуваше за средбата со заменикот помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар во Скопје.

-САД сакаат да ја видат Северна Македонија како дел од ЕУ. Тие беа наша најголема поддршка кога станувавме дел од НАТО. И според сè она што го носиме како вредности како општество, граѓани и држава, тие сметаат, а тоа не се разликува воопшто од она што ние сметаме, дека Северна Македонија покрај членството во НАТО, треба да биде дел и од ЕУ. Заложбите на Владата и она што Владата го работи како проевропска Влада апсолутно се совпаѓаат со стратешките интереси на САД и тоа беше истакнато, дека секогаш се ценат како партнери оние што се ЗА поддршка на НАТО и европските интеграции и на владеењето на правото во државите – истакна Ковачевски.

Тој оцени дека политика на блокада и изолација е кочење на процесите кои значат подобар живот и интеграција на државата.

-Да не заборавиме ние почнавме европски интеграции заедно со Хрватска 2006 година, денес Хрватска е земја членка на ЕУ, дел од Шенген и земја која воведе евро. А ние дури минатата година ги почнавме преговорите со ЕУ, благодарение на оваа Влада. Нашите граѓани не заслужуваат повторно да седат во чекалната како што изјавува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој вели ако треба ќе чекаме 10 и 20 и 30 години – рече премиерот.

Поврзани новости