Во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници и претставници на раководството кои не мислат како дел од актуелното раководство и кои сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешниот брифинг со новинарите.
Во САД добивме недвосмислена и силна поддршка за продолжување на европскиот пат на државата, што значи спроведување на уставните измени, односно усвојување на амандманите и продолжување на преговорите како што се пропишани согласно Преговарачката рамка, велат од Владата.
„Тие поединци треба да се охрабрат. ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии треба да бидат дел од носењето на оваа одлука бидејќи да не се биде дел од вакви одлуки е невредно за една политичка партија, која постои од првиот ден од осамостојувањето на државата“, рече Ковачевски.
Од Владата велат дека не е разговарано директно со пратеници од опозицијата, ниту пак како да одлучуваат, туку дека презентира концепт кој е отворен за дискусија.
Ковачевски рече дека сите имаат одговорност да носат одлуки во интерес на граѓаните и на државата.
„Евроинтегративнот процес е неповратен. Тој не може да запре, но од лични причини на поединци може да се забави. Од тоа на крајот никој нема да има интерес, а тој што го кочеше 11 години заврши во Европа, додека ние сме се уште надвор“, порача Ковачевски на брифинг со новинарите.
Тој нагласи дека ако не го направиме следниот чекор евроинтеграцијата ќе стагнира, како и во тие единаесет години, при што за првпат блокадата не доаѓа од надвор туку од внатре, од опозицијата. Премиерот смета дека има поединци и претставници на раководството во ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат државата да биде дел од ЕУ и треба да се охрабрат, но лично оценува дека целата опозициска партија треба да застане зад процесот на уставни измени заради преговори со ЕУ.