Премиерот го поддржува предлогот за една изборна единица, но со отворени листи

by Fokus

Владата е стабилна и дека тоа се потврдува на сите гласања во Парламентот, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање по најавите од лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, дека ќе ја напушти коалицијата доколку не се прифати една изборна единица и сличната закана од лидерот на Достоинство,Стојанче Ангелов доколку не се прифатат предложените измени во Законот за бранителите.

Според него нормално е да имаат различни мислења за одредени прашања со коалиционите партнери, но остави простор прашањето од Ангелов за правата на бранителите да се реши наскоро. За една изборна единица рече дека СДСМ биле првите што застанале зад тој предлог.

„Го поддржувам предлогот за една изборна единица, но со отворени листи. Изборен праг мора да има зошто во спротивно може да ни се случи деловни заедници да ни кандидираат пратеници и да тераат бизнис интереси, а парламентот да стане Стопанска комора. Предложен е изборен праг од 5 проценти, но интересни бројки се и 3 проценти и 4,5 проценти“, рече премиерот Ковачевски на денешниот брифинг со новинарите.

За Демократскиот сојуз пак не изрази жалење што излегуваат од Владата.

„Со Демократскиот сојуз не делам исти вредности и очекував да ја напуштата коалицијата . Тие не беа дел од одредени процеси во државата и немав дилема дека ќе излезат. Ако сте направиле кариера на создавање конфликт не можете потоа да поддржите решение за него“, рече Ковачевски алудирајќи на спорот со Бугарија.

На прашањето зошто во исто време не се одржуваат претседателски и парламентарни избори, Ковачевски рече дека така е законски регулирано,и дека не може да им го скратува мандатот на избраните претставници. Претседателските избори треба да се одржат во втората половина од март следната година, а редовните парламентарни во втората половина од јули следната година.

Поврзани новости