„Во тие услови ние обезбедивме нова методологија за раст на пензиите низ отворен дијалог со Сојузот на здружение на пензионери. Пред се имаме пензии кои што се за 50% поголеми во однос на 2016 година и тие два пати годишно ќе растат согласно со растот на просечната плата и растот на трошоците за живот и сето тоа се однесува и на минималната плата која што денес е 22 500 денари, тоа е три пати повеќе или четири пати повеќе од она што беше во 2016 година односно 8 000 денари,“ изјави во интервју за МИА, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Тој се осврна и на странските директни инвестиции, кои сега се двојно поголеми од 2016 година, а тоа се должи на стабилниот амбиент кој се обезбеди со зачленувањето на НАТО.
„Ние минатата година имаме 700 милиони евра странски директни инвестиции во однос на 300 милиони евра колку што беа во 2016 година. Воведовме поддршка на македонските компании за прв пат и со 100 милиони евра обезбедивме економски циклус од половина милијарда инвестиции кај домашните компании кои што обезбедија 5 000 нови домашни работни места и секако дека низа на други мерки кои што влијаеа на зголемување на платите,“ рече Ковачевски.
Ковачевски во интервјуто ја посочи и најголема реализација на капиталните инвестиции досега, што повторно создава работни места во државата и тоа резултира со намалување на невработеноста од 25% колку што беше во 2016 година.
„Ние денес имаме 12% невработеност и проектираме 7% невработеност во 2028 година. Сето тоа влијае на зголемување на продуктивноста, влијаеле на поголемо ценење на работниот труд од страна на работодавачите и секако промените во структурата на економијата во државата, бидејќи вие гледате дека денес најбрзи растечки индустрии во државата се аутомотив индустријата, потоа софтверското програмирање, има голем број на македонски компании кои што исто така се поддржани од владата согласно со добрите даночни политики кои што ги имаме и кои што овозможуваат и поголема вработеност и поголеми плати,“ рече Ковачевски.
„Во однос на вториот столб на програмата – правичност и поголема правда за граѓаните, имаме јасни 41 мерка во однос на унапредувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата, тие се резултат на оценската мисија која што во време на мојот мандат е нарачана и договорена со ЕУ. Ќе ги набројам главните поенти кои се, значи предвидуваме ветинг не само во правосудството и во обвинителството туку и кај политичарите меѓутоа и кај оние кои што во текот на независноста на Македонија на различни начини успеале да стекнат средства со кои што можат да имаат влијание и во медиумите меѓутоа и во другите сфери на општеството. Потоа имаме многу јасен дел во однос на младинските политики кој што беше работен заедно со СДММ, многу јасен дел во унапредувањето на одбраната и безбедноста. И секако дел со конкретни активности и мерки за зачленување на Македонија до 2030 година како и дел за грижа за сите кој што се однесува на унапредувањата на правата на пензионерите, младите и на сите други категории на граѓани“, изјави Ковачевски.
За „Oтворен Балкан“ рече дека е „една оригинална иницијатива која што потекнува тука од регионот и тоа е иницијатива формирана од три држави, од Македонија, Албанија и Србија. Таа е заснована на 4-те слободи на ЕУ, во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на ЕУ. Тоа е слободното движење на луѓе, на капитал, на производи и слободно движење на услуги. Кога ќе ги погледнете иницијативите кои беа направени во рамки на Отворен Балкан , тие се токму тоа. Јас би сакал да почнам од резултатите на тоа што се постигна. Ние прво имаме зголемена трговија меѓу Македонија и Србија благодарение на таа соработка за 50%, меѓу Македонија и Албанија за 40%. А вкупно зголемениот обем на трговија е 22% меѓу трите држави“.
Ковачевски тоа го посочи како резултат на подобрата соработка меѓу не само политичките претставници туку пред се преку подобра соработка на деловната заедница. Како дел од таа соработка тој ја посочи вклученоста на стопанските комори, вградување и усогласување на фито санитарните контроли во делот на трговија со земјоделски производи и преработка на земјоделски производи.
„Во делот на мобилноста на младите, работниците вие знаете дека се потпишани договори кои овозможуваат непречено работење и преку националните портали, работници од Македонија, Србија и Албанија и признавање на дипломите во одредени дејности пред се мислам на медицината и на другите науки кои се сметаат за оние кои можат да придонесат за подобар развој на една држава и подобрување на услугите и низа на други поволности кои беа направени пред се заради граѓаните и заради деловната заедница,“ рече Ковачевски.
Тој ја посочи важноста од регионалната соработка, а тоа го потврдуваат и 72 регионални иницијативи во Западен Балкан. Една од нив е Отворен Балкан, исто така има една многу позначајна иницијатива која што е Берлински процес, во која учествуваат сите земји од Западен Балкан, кој се очекува да се забрза со оглед на тоа дека сите држави имаат многу јасна определба за зачленување во ЕУ.
„Преговорите веќе ги отпочнаа и Македонија, Албанија и Црна Гора и Србија. Веќе имаме земји членки на НАТО тоа се Албанија, Црна Гора и Македонија , кои што сме членки на НАТО. Сметам дека меѓу Србија и Косово дијалогот треба да продолжи за да можат да ги нормализираат своите односи согласно бриселскиот договор и согласно со разговорите кои ги имаат во Охрид. И мислам дека тој начин овој регион ќе се европеизира, ќе работиме многу повеќе заедно, на заеднички теми кои на крајот ќе резултираат со држави земји членки на ЕУ,“ посочи Ковачевски.