Премиерот Димитар Ковачевски, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“, вели дека бројката од околу 132 илјади граѓани кои не беа лично попишани, се должи на повеќе причини, меѓу кои, и бојкотот кој јавно или скриено го заговарале дел од опозициските партии.
Се работи за околу 7, 2 процентни поени од резидентното население кое не беше теренски попишано, туку податоците беа преземени од административните бази.
-Кои се причините кај нас за 132 000 коишто од резидентното население не се опфатени, прво е што пописот беше спроведен во услови на ковид-криза, при што дел од граѓаните не можеа да отворат. Второ, на барање на опозицијата, пописот беше поместен од април во септември, кога дел од граѓаните кои живеат во руралните средини излегуваа на работа.
И трето, имаше и активен бојкот и скриен бојкот од опозицијата, Левица беше против попишувањето, а ВМРО-ДПМНЕ прво водеше кампања за бојкотирање на пописот, а потоа имаше и скриен бојкот којшто им направи лоша услуга на Македонците, пред сè, во попишувањето.
Така што, ние не можеме да зборуваме за критики на пописот од тој аспект, а посебно од оние коишто тој проблем и го креираа во голема мера, со тоа што на своето гласачко тело и на своите симпатизери им кажуваа дека не треба да излегуваат на пописот, изјави премиерот Димитар Ковачевски, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“.