„Крива Паланка заедно со соседните општини Ранковце и Старо Нагоричане го добива најголемиот капацитет за производство на електрична енергија од обновливи извори ветерниот парк „Вирови“ инвестиција вредна над 500 милиони евра. Овој капацитет со струја ќе снабдува 290.000 домаќинства и ќе има сериозен удел во градењето на енергетската независност која е многу важна особено во ваква глобална енергетска криза“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски од граѓанската трибина во Крива Паланка.
Тој додаде дека неговата партија, како многу пати низ историјата, ја има одговорноста да функционира во тешки времиња, во период на глобални кризи.
„Не избегавме од предизвиците туку се посветивме на нивно решавање за да не страда народот, да не трпат компаниите. Ја субвениционираме струјата за домаќинствата за дури 80% како и за 72.000 компании кои што вработуваат 98% од вработените во државата. Ако не е таа субвенција од Владата, сметките кои ќе ги добиваат граѓаните би биле 5 пати повисоки“ изјави Ковачевски.
Премиерот додаде дека со последната мерка на Владата ќе се субвенционира и цената на струјата на прехранбената индустрија, што ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи и до 10 отсто, бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат.