Зголеменото производство на струја се должи на зголемената побарувачка од страна на ЕВН хоум поради ниските температури, но исто така и зголемените потреби за електрична енергија од останатите субјекти со кои имаме склучено договор. Кризната состојба со електричната и со топлинската енергија ќе трае се додека е во важност одлуката што е донесена од Собранието, рече директорот на АД Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски, на новинарско прашање зошто и покрај зголеменото производство на струја што го објавува ЕСМ се уште трае кризната состојба со електричната енергија.
Се трудиме, рече Ковачевски, во овој период со нашиот ангажман да ги задоволиме сите потреби, пред се на граѓаните, да го намалиме увозот на струја и трошоците и овозможуваме во периодот од јуни кога треба да се носи цената на струјата за од 1 јули до 11 декември, да нема зголемување на цената на струјата. – Ако продолжиме со ваквото производство, се надевам дека ќе го исполниме во целост планот, кој за годинава е зголемување за 23 проценти во однос на претходната. Кризната состојба не само кај нас туку и во регионот и Европа се уште трае и ќе заврши тогаш кога ќе процени Владата со предлог до Собранието, наведе Ковачевски.
Кризната состојба, потенцираше, никој ниту ја злоупотребува, ниту пак ја употребува за девијантни појави, а надлежните институции може да ги проверат сите постапки.