Премиерот Димитар Ковачевски вечерва на „Фејсбук“ го поздрави договорот постигнат меѓу Синдикатот за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука и апелира до СОНК за брзо и целосно прифаќање на договорените услови.
– Успеавме да постигнеме значаен договор за вработените во образованието и покачување на платите од дури 15 проценти, почнувајќи од септемвриската плата. Ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21 проценти зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието. До пред само пет години, максималното зголемување на платите беше 4 проценти, без глобални кризи, напиша Ковачевски на „Фејсбук“.
Во статусот, Ковачевски посочува дека во услови на најголема економска и енергетска криза, покрај процентуалното зголемување, на вработените во образованието, преку колективните договори ќе им се овозможи и усогласување со минималната плата и други придобивки.
– Воедно, ќе се дефинира методологија за континуиран раст на платите со што ќе се заштити стандардот на наставниците и ќе се овозможи континуирано зголемување на плата без потреба од дополнителна владина, институционална или политичка интервенција, вели Ковачевски.