Ковачевски: Светите браќа Кирил и Методиј нè задолжија храбро да ги браниме и негуваме вредностите на својот народ

by Fokus

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во името на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки во чест на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, до ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите и до студентите.

„Овој наш прв државен универзитет во земјава, еден од столбовите на македонската државност, продолжувач на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј и нивните наследници, втемелени во создавањето на македонската писменост бил, е, и останува да биде стожер на културнообразовната и научната мисла и патоказ за развитокот на нашата држава“, изјави Ковачевски.

Во писмото до ректорот  премиерот нагласува дека денес прогресивната, културно-образовната и научната мисла, повеќе од кога и да било е потребна за натамошниот напредок на Република Северна Македонија.

„Низ заедничката соработка, достоинствено го заштитивме нашиот македонски јазик и го поставивме на еднакво рамниште со официјалните јазици во Европската Унија. Државата е на вистинскиот колосек. Ги отворивме перспективите преку почетокот на преговорите со ЕУ, што им се потребни на сите граѓани и на општеството, како и шансите за европски квалитет на образование. Ја унапредивме и регионалната соработка преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес“, стои во телеграмата од Ковачевски до Универзитетот.

Тој порачува дека е потребно да продолжиме да се движиме напред.

„По примерот на светите браќа Кирил и Методиј, темелници на интеркултурализмот, посветени сме на обединувањето во општественото живеење, како и во европското семејство. Светите браќа Кирил и Методиј нè задолжија да создаваме генерации кои се подготвени храбро да ги бранат и негуваат вредностите на својот народ, негувајќи го интеркултурализмот како цивилизациска придобивка. Затоа, благодарам што сме заедно по овој зацртан пат.
Образованието е еден од главните темели за развиено, модерно, европско општество какво што се стремиме да биде Република Северна Македонија и очекувам дека со заедничките напори ќе ја оствариме оваа цел, во името на добрата иднина на сегашните и на идните генерации“ – напиша премиерот Ковачевски во телеграмата до ректорот Јанкуловски.

Поврзани новости