Договорот помеѓу лозарите и винарите овозможи да имаме успешен почеток на бербата, рече вечерва премиерот Димитар Ковачевски во Кавадарци.
-Ние сме исклучително среќни што оваа година постигнавме договор со којшто имаме триесет проценти зголемени откупни цени на грозјето. Тоа беше потврдено и на состанок што го имавме со претставници на лозарите и винарниците. Оваа година, покрај тоа што откупната цена на смедеревката и на вранецот е зголемена на 13 и на 15 проценти, дополнително државата, во услови на најголема светска криза издвои дополнителни два денара за секој килограм предадено грозје. И дополнително, за секој килограм извезено грозје, уште два денара – рече Ковачевски.
Воедно, тој им посака на сите да имаат род на високо ниво.
-Она што радува, е, што ние сме втор најголем извозник на вино во регионот. Исто така сме еден од најголемите извозници на вино во светски рамки, покрај во европски рамки. Квалитетот на виното секоја година е на повисоко ниво. Веќе за две третини е зголемен извозот на флаширано вино во однос на наливно вино, што не беше случај во минатото – истакна премиерот.