Отворањето на првиот македонски театар во Бугарија во 1947 година

by Fokus

Претставничката на ОФ Рада Тодорова, меѓу другото, рекла: „Ние посебно се радуваме што вам, на Македонците од Пиринска Македонија, ви се даде можност, преку својот македонски театар да ја градите својата македонска култура и да го развивате својот звучен македонски јазик. ОФ ќе дејствува за што побрзо присоединување на Пиринскиот крај на Македонија кон НР Македонија во рамките на ФНР Југославија“

Пишува Стојан АНДОВ

На 9 август 1946 година е одржан X проширен пленум на ЦК на БРП (к). Во донесената резолуција на тогашната бугарска власт по однос на македонското прашање стои:

Основниот дел на македонскиот народ се има организирано државно и национално во рамките на ФНР Југославија како Народна Република Македонија, а обединувањето со другите делови на македонскиот народ престои да се изврши врз основа на македонската Народна Република во рамките на ФНРЈ. (…)

БРП (к) смета дека е неопходно да ги подготви условите за ова обединување зашто присоединувањето на Пиринскиот крај кон НР Македонија е, пред сѐ, работа на самите Македонци, но и општа задача на Отечественофронтовска Бугарија и на ФНР Југославија.

„И дека: „неопходно во периодот до присоединувањето на Пиринскиот крај кон НР Македонија е систематски да се работи на културно зближување на македонското население од тој крај со НР Македонија…

Со резолуцијата, Македонците од Пиринскиот крај ќе добијат културна автономија. Македонскиот литературен јазик и националната историја биле воведени во образованието, а околу 30.000 ученици биле опфатени со наставата на македонски јазик. Освен месниот наставен кадар биле испратени учители од НР Македонија.

ГОЛЕМА КУЛТУРНА ПОБЕДА

Во 1947 година, во Горна Џумаја (денес Благоевград) биле отворени првата македонска книжарница и македонска читалница, а нешто подоцна и обласниот Македонски народен театар. Почнале да се печатат весници на македонски јазик („Пиринско дело“ и др.) и биле основани македонски литературни кружоци и културно-уметнички друштва.

На 7 ноември 1947 година бил отворен првиот професионален Обласен македонски народен театар во Горна Џумаја, кој претставувал извонреден културен и политички настан. На свеченото отворање присуствувале, покрај претставници на општествено-политичкиот и културен живот од Областа, и гости од НР Македонија и претставници на Националниот комитет на ОФ и Сојузот на артистите на Бугарија.

Претседателот на Обласниот комитет на Отечествениот фронт Георги Мадолев со пригодни зборови го поздравил отворањето на театарот. Во весникот „Пиринско дело“ од 20 ноември 1947 година, се објавени извадоци од поздравните говори на македонски јазик.

Во говорот Мадолев, при отворањето на „Обласниот македонски народен театар“ во Горна Џумаја, меѓу другото, рекол:

„На денот на триесетгодишнината од Октомвриската социјалистичка револуција, нашиот град Горна Џумаја, заедно со целиот Пирински крај на Македонија празнува една голема културна победа, отворање наш сопствен Обласен македонски народен театар.

Отворањето на театарската сезона секогаш е важен културен настан во општествениот живот, што се очекува со повисок интерес од културната јавност. Но, ние оваа вечер, не само што ја отвораме театарската сезона, туку ова е и почеток на нашиот македонски театар, кој никогаш не сме го имале и за кој не можевме ни да мечтаеме.

Нашиот Обласен македонски народен театар ја почнува својата дејност и театарската сезона со македонската пиеса „Печалбари“ од Антон Панов, на македонски јазик, во која се одразува битот на нашиот македонски народ и фактот што пиесата се игра на македонски јазик, јасно зборува за карактерот на нашиот Обласен театар и за неговата важна улога во политичкиот, културниот и во национален развиток на Пиринскиот крај на Македонија.

ИДЕАЛИТЕ НА ГОЦЕ И ЈАНЕ

Со историската народна победа на 9 септември 1944 година, условите на живеење на македонскиот народ од Пиринскиот крај на Македонија од корен се изменија. Ние денес, не само што сме слободни граѓани на НР Бугарија, туку и благодарение на правилната национална политика на Отечествениот фронт, ги имаме сите потребни услови за градење наша македонска национална култура, за подигање на нашето македонско национално сознание.

Силен фактор за подигање на националната македонска свест во нашиот град од Горноџумајската област претставува расцутот на националната култура на нашите браќа од НР Македонија. Воопшто, создавањето на НР Македонија во рамките на ФНР Југославија, е крупен факт во историјата на нашиот македонски народ.

Ние, Македонците, имаме призната македонска држава во братското семејство на Нова Титова Југославија, чии постигнувања нѐ инспирираат и нас Македонците од Пиринскиот крај. НР Македонија и националната култура на македонскиот народ, кои бргу се развиваат, му даваат импулс на политичкиот и на културниот живот во Пиринскиот крај на Македонија.

Другари и другарки, пред нас стои сериозната задача да ги следиме нашите браќа од НР Македонија во секој поглед за да се доближиме до нив и за да создадеме услови за политички, културен и национален живот.

Денешните услови се особено благопријатни за остварување на идеалите на нашиот македонски народ, идеалите на Гоце Делчев, Јане Сандански и другите македонски револуционери, зашто на местото на непријателските држави Бугарија и Србија, денес имаме братски републики НР Бугарија и ФНР Југославија, кои се поврзани на живот и смрт и решени заедно да се борат за зачувување на слободата и независноста на своите народи.

Ние, Македонците, сме среќни што Македонија од јаболко на раздорот, денес претставува обединувачка врска меѓу нова Димитровска Бугарија и Титова Југославија. Судбината на нашиот македонски народ е во нашите сопствени раце и ние нема да дозволиме на наша сметка одново да војуваат братските народи.

ИСТОРИСКА УЛОГА

Ние, Македонците, имаме историска улога да служиме во закрепнувањето на братството и единството меѓу НР Бугарија и ФНР Југославија, во што лежи гаранцијата на нашата сопствена иднина и на нашето обединување. Но, никогаш не смееме да заборавиме дека ние, Македонците од Пиринскиот крај треба да вложиме повеќе усилби за политичкиот, културниот и националниот развиток, а имено како дел на македонскиот народ.

Во тој поглед, Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја ќе треба да одигра многу важна улога и нашата надеж насочена кон него е многу голема.

Одамна се чувствуваше потреба од Обласен театар за нашата област. Веднаш по 9 септември, ние имавме театарска група при Горноџумајското читалиште, која даде ценет придонес за театарското дело во областа. Меѓутоа, потребите, кои очигледно се зголемуваа, не може да се задоволат со аматерска театарска група.

Затоа нашите одговорни фактори се зафатија со организирање Обласен македонски народен театар. Основата, без сомневање, требаше да биде досегашната аматерска група зајакната и раководена од искусен артистички кадар, со кој ние не располагавме.

Нашата иницијатива беше поткрепена од Владата на НР Македонија, со тоа што беа испратени артисти од Скопскиот народен театар, кои заедно со денешниот директор на театарот другарот Петров го почнаа организирањето на нашиот Обласен театар.

Нема никакво сомневање дека тешкотиите што треба да ги совлада нашиот театар се многу големи и разнообразни. Но, тие тешкотии треба да бидат совладани. Ние сме длабоко убедени дека раководителите на театарот и сите театарски работници нема да ги жалат силите и средствата за да ја оправдаат големата надеж што сите ние ја полагаме како во новиот театар, така и во нив поодделно.

АЛКА ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ

Ние, сите политички, општествено-културни и општествени работници, како и целиот македонски народ од областа, секогаш треба да ја даваме потребната помош и поткрепа на нашиот театар, да му даде закрила со потребното внимание и да ги популаризираме неговите несомнени успеси“.

Отворањето на театарот го поздравила и претставничката на Националниот комитет на Отечествениот фронт Рада Тодорова. Таа, меѓу другото, рекла:

„Националниот комитет на О.Ф. ве поздравува по повод на големиот културен настан – отворање на првиот Македонски народен театар во Пиринска Македонија. Ние посебно се радуваме што вам, на Македонците од Пиринска Македонија ви се даде можност, преку својот македонски театар, да ја градите својата национална – македонска култура и да го развивате својот звучен македонски јазик. Националниот комитет на ОФ ќе дејствува за што побрзото присоединување на Пиринскиот крај на Македонија кон НР Македонија во рамките на ФНР Југославија…

Националниот комитет на ОФ ќе соработува за конечното уредување на националното прашање на македонскиот народ, за да може Македонија од јаболко на раздор да стане алка за обединување на Јужните Словени, за реализирање на идеалите на Јане Сандански, Гоце Делчев и плејадата борци за слободата на македонскиот народ. Националниот комитет на ОФ и Димитровската влада секогаш ќе му даваат материјална и морална поддршка на вашиот македонски театар за да закрепне и да се развива како вистински македонски народен театар.“

По донесувањето на резолуцијата на Информбирото во 1948 година, а особено по 1956 година, бугарската држава го менува својот однос кон македонското малцинство и повторно го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Македонците биле сметани за Бугари, а македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот. Македонскиот јазик бил исфрлен од употреба во образовниот процес, а учителскиот кадар бил протеран од Пиринска Македонија.

 

Поврзани новости