Пред точно две години ја остваривме една од стратешките цели поставени уште од осамостојувањето на државата – полноправно членство во НАТО алијансата. Две години подоцна, во екот на најголемата воена и економска криза по втората светска војна, ја согледуваме исправноста на оваа одлука, вели премиерот Димитар Ковачевски во објава по повод двегодишнината од нашето членство во Северноатлантскиот сојуз.
Во овие неизвесни времиња, кога целиот свет се грижи иднината и безбедноста, вели премиерот, Северна Македонија е дел од најмоќниот воено политички сојуз кој го гарантира нашиот територијалниот интегритет и сигурност.
„Членството во алијансата е многу повеќе од гарантирана безбедност и заштита на нашите граѓани. Да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите стандарди на цивилизираниот свет, како заштита на човековите права, солидарност меѓу народите и унапредување на демократијата. Како членка на НАТО ќе продолжиме активно да учествуваме во сите активности на Алијансата и да го градиме сојузништвото со нашите партнери. Оваа определба значи долгорочен развој за нашата земја и сигурна иднина за нашите деца, вели Ковачевски.
Според него, одлуките кои ги донела владата на СДСМ во врска со нашето членство биле визионерски и во интерес на граѓаните.
Северна Македонија пред две години стана 30. земја-членка на НАТО. Во вонредни околности, кога светот се соочуваше со ковид пандемијата, в.д. амбасадорот на земјава во САД Вилма Петковска во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер.