Ниту еднаш, во било која прилика, дома или во странство, не ја користевме кризата како алиби, како оправдување во нашата работа, напротив – влеговме директно во огнот за да испорачаме резултат, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на денешната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Скопје.
-Ја започнав оваа година, во многу сложени и тешки услови! Се нафатив, ме избравте, преземав обврска да го водам СДСМ по поразот на локалните избори! Ја започнавме годината со јасна визија и обврска. Одлучивме да се менуваме, да бидеме подобри и поуспешни, не за себе, туку за граѓаните и државата. Од првиот момент, ниту јас, ниту моите колешки и колеги, не застанавме на тој пат ниту еднаш – рече Ковачевски.
Влеговме, додаде тој, директно во огнот, на сите стари, но и на нови фронтови, дома и надвор, со единствена цел – подобро, поефикасно, побрзо и одржливо да испорачаме решенија.
-За првпат пред сите ќе го кажам тоа што го знаат моите најблиски соработници и моето семејство: Moже да успееме, да бидеме Македонци и како такви да седиме на големата маса во Брисел. Кој не мисли во такво нешто, нека се тргне на страна. Јас одлуката ја донесов бидејќи знам дека е најдобрата за државата и да треба пак да ја донесам, пак ќе ја донесам.
Знаев и знам дека историја не се препишува, историја не се зема, јазик не се брише или укинува, традиција не се измислува или се преиначува. Тогаш велев и сега велам – зар со документи, изјави, пресови или настапи на маргинални политиканти мислиме дека некој може да загрози нешто што е создавано со векови? Нема да биде лесно на патот, ќе има болни реформи и уште тешки одлуки, но на крајот на секој тежок пат е големата награда, а во нашиот случај е полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ – вели Ковачевски.
Тој потенцира дека „со седење дома и криење под кревет не се прави држава“.
-Македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни. Тие се темел во европската куќа како дел од традицијата и историјата на Европа. Бидете горди и спокојни на тоа што го направивме. македонскиот јазик и име се конечно обезбедени и никој повеќе не смее да ги оспорува. Направивме голем успех за државата – порача лидерот на СДСМ.