Денешниот собир само потврдува дека со бугарскиот премиер Кирил Петков го одбравме вистинскиот пристап и начин кога кажавме дека ќе дадеме политичка иницијатива, но дека сепак организациите коишто се дел од секторите за коишто ние разговаравме се тие коишто треба да ја водат дебатата и коишто треба да направат мостови помеѓу деловната заедница, образовните институции, студентите, граѓаните воопшто, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“.
– Ми претставува задоволство да се обратам на оваа конференција. Тоа задоволство се должи на концептот на конференцијата, дефиниран во нејзиниот назив БГМ 2030, граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво. Идејата на конференцијата се совпаѓа со идејата за динамично, новото динамично придвижување на односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека неговата и намерата на Петков е да отворат најшироко поле за соработка меѓу голем број на засегнати страни во општествениот живот.
– Граѓанскиот придонес, придонесот на Академијата и соработката на високообразовните институции се еден важен елемент во тој процес. Точно е дека испишувањето на новите страници, на односите меѓу двете земји, е поставена на високо ниво и тоа на ниво на влади. Но, јас и премиерот Петков, ја презедовме иницијативата процесот да се води инклузивно од надолу кон горе, односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството помеѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување, посочи премиерот Ковачевски.