Ковачевски: Со Грција се договара испорака на еден милион тони јаглен и 250.000 тони мазут

by fokus

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски информира дека земјава со Грција денеска договарала испорака на еден милион тони јаглен и 250 000 тони мазут.

Како што рече Ковачевски во Топ Тема интервју на телевизија Телма, јагленот ќе биде примарно за потребите на РЕК Битола, но дел од количините ќе може да бидат користени и за РЕК Осломеј, додека мазутот е за термоелектраната во Неготино, а дел од количините се и за Битола и Осломеј.

-Денеска договаравме за наредните 12 месеци да имаме испорака на околу 80 000 тони јаглен месечно, примарно за потребите на РЕК Битола, но дел од количините може да бидат користени и за РЕК Осломеј. За 12 месеци треба да обезбедиме еден милион тони јаглен по конкурентна цена. Сметаме дека со овие количини ќе ги задоволиме потребните дополнителни количини јаглен за производство на дополнителната електрична енергија. Во однос на мазутот, цената е регулирана. РКЕ ја одредува цената и по таа цена го купуваме. Денеска разговаравме за количини кои ќе бидат потребни од ноември до крајот на април, за седум месеци. Месечно ќе ни требаат 30 000 – 35 000 тони или вкупно 250 000 тони додека трае грејната сезона. Од нив 80 – 90 отсто ќе бидат за термоелектраната во Неготино, но дел од количините се и за во Битола и Осломеј, рече директорот.

Тој потсети дека кон крајот на февруари и почетокот на март годинава беше склучен договор за набавка на 144 000 тони мазут и таа набавка трае заклучно со октомври.

Поврзани новости