Ковачевски: Сите енергетски капацитети се во функција, разговараме со богати држави за средства

by Фокус

Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, а тоа е ставање во функција на сите енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК Битола, ставање во функција на ТЕЦ Осломеј, а од утрово во функција е ставен првиот котел на ТЕЦ Неготино, изјави денеска во Скопје премиерот Димитар Ковачевски.

Тој посочи дека првиот котел на ТЕЦ Неготино веќе произведува електрична енергија со моќност од 60 мегавати, а до крајот на денот треба да се искачи до 85 мегавати, додека тимови на експерти веќе работат на пуштање и на вториот котел.

Ковачевски, исто така, рече дека се работи постојано и се разговара со сите земји за најсоодветно снабдување со енергија, меѓу кои Србија, Бугарија и Турција.

-Со Србија имаме разговори кои веќе ги водиме. Со Бугарија имаме разговори, но таму е малку посложена ситуацијата, бидејќи во моментов нема парламент, а нивното законодавство е прилично ограничено во однос на продавање вишоци на електрична енергија со директни договори и тоа мора да го прават преку берза. Со Турција, исто така, сметам дека сме на добар пат да обезбедиме пат за енергија – изјави Ковачевски.

За финансирањето на сето ова, тој рече дека веќе е обезбедена финансиска конструкција со билатерални кредитори, а во скоро време очекува да завршат и преговорите со Меѓународниот монетарен фонд. Но, истакна тој, се разговара и со некои финансиски побогати држави од Блискиот Исток.

-Во оваа работа нема политика и дневно политички поени и апелирам до пратениците од опозицијата, што побрзо и без никакви уцени, да се одобри кредитот од ЕБОР за ликвидни финансиски средства за ЕСМ – рече Ковачевски.

Во однос на Скопје, премиерот рече дека има два дела – затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци, и второ – обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО.

–  Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, заради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и изнајдени најсоодветните извори на снабдување на гас, ќе бидат информирани и граѓаните – изјави Ковачевски.

Поврзани новости