Ковачевски: Северна Македонија не смее да остане во друштво на Босна и Херцеговина и Косово

by Fokus

Ние со Хрватска заедно го почнавме пристапувањето во Европската Унија во 2006 година, денес таа е земја членка на Унијата, а ние сè уште имаме политичари кои велат дека треба да се почека, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА од Атина.

„Па дури и лидерот на опозицијата ќе изјави дека тој е подготвен да чека и 10 и 20 итн. години. Најдобра потврда како изгледа чекање и седење во чекална е токму овој состанок овде. Солунскиот состанок се одржа пред точно 20 години. На него дел од Западен Балкан беше Хрватска. Денес Хрватска е членка на ЕУ, членка на Шенген и земја во која платежно средство е еврото, а ние сè уште имаме политичари кои велат дека треба да се чека. Пред 20 години, претставници на Македонија овде беа Бранко Црвенковски и сега веќе покојната Илинка Митрева (како министер за надворешни работи н.з.) и ова е најдобро место од каде треба да се испрати порака дека неносењето одлуки, немањето храброст и немањето одлучност нема да ја помрдне земјата ниту еден милиметар“ – вели премиерот Ковачевски.

Доколку не носиме одлуки и имаме политичари кои велат дека треба да се чека, според Ковачевски, земјата ризикува да заостане во евроинтегративниот процес и да се најде во друштво на Босна и Херцеговина и Косово.

„Ќе се случи и Црна Гора и Албанија да отидат пред нас и на крај единствено ќе останеме во друштвото на Босна и Херцеговина и Косово. Северна Македонија не смее да остане во друштво на Босна и Херцеговина и Косово, тоа се држави кои имаат проблеми во дефинирањето на државите сè уште и нашите деца не заслужуваат да бидат во тоа друштво во поглед на европските интеграции. Затоа одлуките ни се потребни сега, заради иднината и на сегашните и на идните генерации“ – смета Ковачевски.

На прашањето дали постои план „Б“, бидејќи опозицијата цврсто стои на ставот дека нема да поддржи уставни измени, Ковачевски без прецизен одговор.

Поврзани новости