Ковачевски: Секоја држава на Балканот има слични карти како онаа на „голема Албанија“, но задоцнети се најмалку 145 години

by Fokus

За премиерот Димитар Ковачевски истакнувањето на картата на „голема Албанија“ во меморијалниот комплекс во кумановското село Сопот е задоцнето 145 години. Тој вели дека „такви слични карти ги има секоја балканска држава“.

Ковачевски ова го изјави во врска со реакциите во јавноста по отворањето на музејот во меморијалниот комплекс во кумановско Сопот во кој, како дел од експонатите, се најде и мермерна плоча на која е исцртана карта на таканаречената „голема Албанија“.

„Сметам дека она што ние денес го имаме како општетство воопшто не ги прави релевантни таквите мапи бидејќи по 2001 година, по влегувањето во НАТО, ние во нашата држава имаме други мапи коишто се релевантни, а тоа е мапата на државите членки на НАТО и со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, мапата којашто ние ќе ја имаме и се надевам сите други земји од Западен Балкан – мапата на обединета Европа. Тоа е единственото нешто што треба да го обединува целиот Балкан, а сè друго е 145 години задоцнето“ – изјави премиерот Ковачевски.

Викендов во кумановското село Сопот беше отворен музеј во рамки на меморијалниот комплекс кој е посветен на жртвите од нападот во Сопот на 4 ноември 1944 година. На настанот присуствуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Поврзани новости