„Со оглед на тоа дека овие, како и низа други закони беа блокирани во Собранието, а имаат за цел унапредување на различни делови во нашето општество, беше одлучено да одат на Комисијата за европски прашања, која обезбедува нивно побрзо усвојување и побрзо работење на терен. На граѓаните им се потребни коридори, а не дневно политички препукувања“.
Ова денеска во Штип го изјави премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на прашањето за означувањето со европско знаменце на законските измени поврзани со коридорите 8 и 10д.
Тој напомена дека станува збор за стратешки и европски поврзани коридори, и затоа Парламентот вчера одлучи овие закони да се разгледуваат на Комисијата за европски прашања.
„Станува збор за два исклучително важни коридора, но и за други стратешки инвестициски проекти кои се прават или ќе се прават во државата, во делот на патната, железничката или енергетската инфраструктура. Владата поднесе пет измени на закони, односно усогласувања, за да се овозможи побрза и поефикасна градба, но и градба со финансиска конструкција која ќе биде пониска од она што е со постојаната регулатива“ – рече Ковачевски.
Премиерот потенцираше дека европската агенда е единствена агенда на оваа Влада.
„Во нашиот Парламент постојат политички партии кои се против зачленувањето на државата во ЕУ, против зачленувањето во НАТО, пред се, тука преднички партијата Левица, но тие во своето заложништво ја имаат земено партијата ВМРО-ДПМНЕ, која следи интереси кои се спротивни на националните. Но исто така, и заради тоа што се работи за стратешки и европски поврзани коридори, Парламентот вчера одлучи овие закони да се разгледуваат на Комисијата за европски прашања“ – додаде Ковачевски.