Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на свеченост по повод денот на формирањето на Специјалната антитеористичка единица „Тигар“.
„Живееме во време полно со безбедносни предизвици и тие не се разликуваат од оние со кои се соочуваат полициите во регионот, во Европа, полициите на нашите партнерски земји од НАТО. Веќе втора година светот се соочува со појава на негативни безбедносни сценарија. Водечка е отворената агресија на европско тло и кризите што произлегуваат од неа, наша обврска како земја членка на НАТО е навремено да се прилагодиме на ваквите случувања. Во последниве пет години Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ е на врвот на приоритетните планови и концепти по однос на развојот и унапредувањето на полициската безбедносна служба. Она со што се горедеме е дека САЕ „Тигар“ со својата врвна стручност и професионално извршување на задачите не се разликува од европските полиции, тоа досега во повеќе наврати го имаат докажано и покажано за време на врвните обуки во земјава и во странство“, истакна Ковачевски.
Тој посочи дека Владата во континуитет ќе продолжи да вложува во единицата, бидејќи задача на Владата е да обезбедува услови за безбедна работа на специјалците.
„Кога станува збор за вашата заштита и безбедност, не штедиме, вам не треба ништо да ви недостига. Се што придонесува за ваша побрза и поефикасна работа како и досега ќе се обезбедува, бидејќи за вашите резултати и постигнување на високо ниво на безбедност, наша задача како Влада е да ви ги обезбедиме најдобрите услови за работа. Во насока на континуирано мотивирање на припадниците на специјалните единици, неколкукратно беа зголемени платите. Континуирано од 2017 година се исплаќаат бонус плати, за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво. За припадниците на Одделот за специјални полициски операции се исплаќаат патни трошоци за оние кои живеат надвор од градот Скопје, како и исплата на дневници за службени патувања. Во септември 2022 година беше зголемена платата за 5% за сите вработени во МВР. Во февруари годинава започна прибирањето на податоци за вработени коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво, за бонус плата за 2022 година, во поединечен износ од околу 500 евра, што претставува зголемување на износот од безмалку 40% споредбено со бонус платата од 2017 година, благодарение на континуираното зголемување на минималната плата во државата“- рече премиерот.