Пендаровски нема да се извинува по бугарските реакции за неговото обраќање по повод депортацијата на македонските Евреи

by Fokus

Прозивки, обвинувања и барања за извинување дојдоа од бугарската страна по изнесените ставови во обраќањето по поводот 80 годишнината од одбележувањето на депортацијата на 7.144 македонски Евреи во концентрациониот логор „Треблинка“, но македонскиот претседател Стево Пендаровски нема намера да ги коментира или да се извинува.

„Сметаме дека од наша страна нема потреба за дополнителна изјава затоа што претседателот Пендаровски ги искажа јасно своите ставови во обраќањето вчера. Впрочем и гостите кои беа на комеморативниот настан за одбележување 80 години од холокаустот на македонските Евреи, меѓу кои и од Светскиот Еврејски Конгрес, Европскиот Еврејски Конгрес, Еврејската заедница во Република Северна Македонија и „Симон Визентал“ центарот од Виена ги потврдија наводите изнесени во обраќањето на претседателот“ – соопштија денеска од Кабинетот на претседателот Пендаровски

Во своето обраќање тој кажа дека морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ никаде не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија.

„Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи. Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?“ – рече Пендаровски.

Ангел Димитров, копретседател на мешовитата историска комисија вчера рече дека ставовите се „силно идеолошки“ и неприфатливи за политичар чија задача е да воспостави добри дипломатски односи меѓу двете држави.

Димитров кажа дека Бугарија „само управувала“ со територијата на Македонија и дека Бугарија во Втората светска војна е единствената европска земја која била сојузник на нацистичка Германија, ама не подлегнала на притисокот и ги спасила сите свои Евреи, чиј број според него изнесува над педесет илјади.

Михаил Иванов – бугарски професор и советник на поранешниот претседател Жељу Желев, пак, смета дека претседателот Пендаровски е во право.

„Тој е апсолутно во право. Зошто не ги слушам демократските политички партии за срамната позиција во која генералот Радев и неговиот круг ја ставија Бугарија?“, напиша Иванов на Фејбук.

На изјавата на Пендаровски реагираше и бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, познат по анти македонските ставови. Тој побара од бугарското МНР да побара официјално извинување од претседателот Пендаровски.

Поврзани новости