„Ветуваме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, кои со влезот во ЕУ проектираме дека ќе достигнат до 1.300 евра просечна односно 800 евра минимална плата. Во наредните четири години ќе им подадеме рака на нашите млади да бидат достоинствено платени на пазарот на трудот. Обезбедуваме по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на почетокот на кампањата за парламентарните избори.
Претседателот на СДСМ додаде дека во изминатиот мандат ја намалија невработеноста, а сега ветуваат дека таа ќе достигне само 7 отсто до крајот на мандатот.
„Нашите пензионери се оние кои ја изградија оваа држава. Затоа ќе обезбедиме просечна пензија од 30.000 денари и минимална пензија од 20.000 денари. Ќе има и многу други пакет мерки за поддршка на пензионерите“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека македонските компании ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра.
„Го подготвуваме најголемиот и најамбициозен план во независна Македонија за модернизација на инфраструктурата. Ќе инвестираме 2,7 милијарди евра, а ќе се изградат 194 километри нови автопати и ќе се реконструираат вкупно 950 километри патишта во сите делови и општини на државата“ истакна Ковачевски.
Тој додаде во следниот мандат ќе се зголеми и поддршката за домашните компании на 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а дека јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра.
„Во следните четири години планираме финансиска поддршка за земјоделците во висина од 1,35 милијарди евра. Грантовите за малите винарии се искачуваат на 15.000 евра, за младите земјоделци грантовите се во висина од 10.000 и 20.000 евра, а жените земјоделки ќе имаат на располагање грантови од по 10.000 евра. Во сите земјоделски сектори ги зголемуваме субвенциите, а зелена нафта ќе добијат сите и тоа 100%“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека државните енергетски компании ќе бидат во рацете на граѓаните и ќе се зголеми и домашното производство на енергија за 70 отсто, со цел да може целосно да се покријат домашните потреби.