Ковачевски: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ обезбедија кворум за измените на КЗ и беа среќни, а нив ќе ги прашате зошто

by fokus

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски тврди дека немало никаков состанок во вила „Водно“ за уставните измени. Ваквите обвинувања што ги изнесе вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тој ги отфрли како инсинуации и како работи кажани на митинг кои немаат никаков допир со реалноста.

-Ниту имало некаков состанок во вила „Водно“ на кој се разговарало за какви било измени и на кој било закон, ниту со тие измени се планирало какво било гласање на уставните измени. Со индигнација ги отфрлам тие инсинуации, -рече Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање.

Во тек, е потсети Ковачевски, носење комплетно нов Кривичен законик на кој работат експерти во Министерството за правда. Иако се заинтересирал до каде се измените, тој, како што рече, досега не добил одговор.

-Ако се сеќавате, законските измени беа презентирани во Парламентот и немаше ниту една дискусија од пратениите на ВМРО-ДПМНЕ против. Тие обезбедија кворум тие законски измени да се изгласаат, дури најголемиот дел од нив беа среќни, нив ќе ги прашате зашто беа среќни, но јас ќе ве потсетам дека законските измени се донесени заради усогласување со европското законодавство во делот на конфискација на имот стекнат на незаконски начин и заради усогласување на одредби од законот со одредбите на законите на други држави, Словенија, Германија и 90 отсто од земјите членки на ЕУ и Советот на Европа во кои не постојат бланкетни одредби за обвинување лица и нивно бескрајно држење во притвор. Со тоа Кривичниот законик стана поевропски, а постојат над 400 одредби во Кривичниот законик со кои можат да бидат помилувани лица кои се огрешиле по кој било закон во државата – рече Ковачевски.

Поврзани новости