„СДСМ и јас сме убедени дека ќе ја добиеме довербата на граѓаните. Пендаровски се покажа дека не ги дели граѓаните по ниту еден основ. Не направи ниту една стратешка грешка. Сметаме дека Пендаровски повторно ќе биде избран за претседател на државата. Потенцијалот на претседателот Пендаровски е поголем во однос на другите кандидати“ рече лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски во тв соочувањето со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Канал 5 телевизија.
„Јас мислам дека Стево Пендаровски како претседател не покажа ама баш ништо. Тој е одличен пример кој како профил не одговара да биде претседател на државата. Не успеа да ја обедини нацијата. Неговиот карактер се карактеризира како човек кој обожува да озборува. Мислам дека Македонија тоа што го изгуби изминатите 5 години ќе го надополниме кога Гордана Силјановска Давкова ќе биде претседател на државата“ одговори Мицкоски.
Ковачевски рече дека „Коалицискиот потенцијал на Пендаровски е многу поголем во однос на Силјановска Давкова. Имаме јасна визија каде треба да биде С. Македонија во следните 4 години, сите кои се за таква Македонија, сигурно ќе го поддржат Пендаровски“.
Мицкоски за повторното кандидирање на Силјановска Давкова вели „Споредбата меѓу Силјановска Давкова и Пендаровски не е потребна. Таа неколкупати била избрана за најинспиративен професор на Правен факултет“.