Финалниот резултат од разговорите за влез на Алијанса во Владата ќе може да го знаеме вечерва по завршувања на партиските состаноци во СДСМ и во Алијанса. За одлуката на Алтернатива не можам да коментирам. Вратата останува отворена, бидејќи тие се дел од Владата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Прашан до каде се преговорите за влез на Алијанса за Албанците во Влада и дали Алтернатива останува во Влада или не, Ковачевски посочи дека денеска имаат седница на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, каде работната група ќе поднесе извештај од преговорите кои што се водени.
-Тие во изминатиот период имаа интензивни состаноци со нивните колеги од Алијанса за Албанците. Исто така, имаа состаноци и со други политички партии. Јас имав состанок со сите претседатели на политичките партии од коалицијата, а исто така имав состанок и со претседателот на Алтернатива. Интенцијата е зголемување на мнозинството, кое што е апсолутно за европска интеграција на Северна Македонија, нагласи Ковачевски.