Во врска со јавната дискусија околу францускиот предлог, македонскиот премиер Димитар Ковачевски предмалку повтори дека Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји членки.
Притоа, тој на фејсбук напиша дека каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, за да биде прифатлив за нас, според него, тој мора да ги исполнува следниве елементи:
„Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет;
Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;
Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;
Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија;
Секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“.