Додека Општина Прилеп нема информација кој и за колкав хонорар ќе пее на Пивофест, музичари веќе се пофалија дека ќе настапуваат!

by fokus 16:20
16:20

Во пресрет на општинската манифестација Пивофест 2022 која ќе се одржи во Прилеп од 14-ти до 17-ти јули, од општината се уште не излегуваат со официјални податоци околу настанот, а во јавноста веќе се испреплетоа голем број на приказни и шпекулации.

Кои ќе бидат музичките гости, колку изнесува буџетот за Пивофест, колку од средствата се општински, а пак колку од спонзори, кои се најскапо платените пејачи и колку изнесува нивниот хонорар, тоа се прашањата на кои ,,Фокус” не успеа да добие одговор од надлежните.

Градоначалникот Борче Јовчески не одговори на нашите телефонски повици и пораки, а пак од неговиот кабинет појаснија дека тој бил зафатен со состаноци, но и дека ги немал потребните информации.
Деталите околу актуелните прашања ги имал организаторот, но се уште ништо не било потврдено, туку се било во фаза на план.

-Општината не е организатор. Сепак, одговорите ќе треба да ги добиете од организаторот, тоа е став од кабинетот на градоначалникот, ни изјавија од таму.

Организаторот Пеце Стоикоски од Арт 10 продукција пак, уште вчера во телефонски разговор ни изјави дека и тој е на состанок и не може да зборува и не препрати кај друго лице, познат ТВ водител, кој исто така ги немаше деталите околу тоа кој ќе настапува на Пивофест и колку ќе изнесува годинашната манифестација.

Од кабинетот на градоначалникот ни посочија лице кое било претставник од општината, и кај кое не советуваа да се обратиме, кое исто така не одговори на телефонските повици, по што бевме препратени кај друго лице, Влатко Петковски.

-Јас веднаш можам да ви кажам дека општинскиот буџет за Пивофест 2022 изнесува два милиони денари. Други информации немам, се зависи од организаторот. Овие средства од буџет се наменети за изведувачите. Немаме податоци колку изнесуваат хонорарите на музичките гости, продукцијата која си организира е задолжена за сите детали– ни изјави тој.

И додека надлежните немаат официјални информации, веќе подолг период на социјалните мрежи се споделува листа со наводните музички гости, со логото на Арт 10 продукција.

На истата, наведено е дека водители ќе бидат Игор Џамбазов и Маријана Стојановска, а пак за време на четири-дневниот настан ќе настапат Наум Петрески, Миле Кузмановски, Андријана Јаневска, Елена Петреска, Елена Велевска, Никола Зац, Нино Величковски, Балканика, Рок Блуз Бенд, Љубојна, ДНК, Бока Конга, Брас Брадрс, Нокаут, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Ареа, Темпера, Некст тајм, Лозано, Супер Х, Џамбо Агушев, Четкар, Меморија, Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Галија, Дивје јагоде, Анте Тони Јанковиќ и Младен Воичиќ Тифа.
Најавено е и гостување на диџеји, хумористична програма и детска програма.
Дел од музичарите кои се наведени како учесници веќе јавно ја објавија веста дека ќе гостуваат на Пивофест. Помеѓу нив е и бендот Дивје јагоде, кој во допис до медиумите потврдува дека ќе се дружи со публиката на манифестацијата.

И додека од организацијата и од општината се уште се таинствени и без конкретни одговори, веќе се покрена и ,,драма” на социјалните мрежи, кога на Твитер, на профил кој објавува информации од градот, започна да се споделува вест дека Влатко Стефановски бил тргнат од програмата на Пивофест 2022, како и пофалби дека тоа е одличен потег на општината, наводно бидејќи прилепчани не го поддржувале неговото гостување.

-Точно е дека Влатко Стефановски нема да учествува на Пивофест 2022, но јас немам информација зошто е тоа така. Инаку, Твитер профилот на кој се објави таа вест не е на општината. Целата организација е во рацете на продукцијата на Пеце Стоикоски и тој би требало да ги има сите детали – ни изјави општинскиот претставник Влатко Петковски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости