„Сите политички партии и сите политичари коишто декларативно се за членство во Европската Унија, сега треба да покажат дека се и реално со одлуки, со одлучност и со визија за членство во ЕУ. Одговорноста за тоа е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално“.
Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски на настан посветен на хуманоста и солидарноста со настраданото население на Турција и Сирија.
Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање околу тоа како ќе се спроведат иставните измени, рече дека една од одлуките којашто треба да се донесе на патот кон ЕУ е и изгласување на уставни амандмани со цел остварување на обврските коишто произлегуваат од заклучоците коишто Собранието ги донесе со мнозинство гласови во текот на месец јули минатата година и коишто се дел од преговарачката рамка со 27 земји членки на ЕУ, исто како преговарачките рамки коишто ги имаат и други земји кои преговараат и имаат обврски кои треба да ги спроведат.
„Уставните измени според тоа не се ниту еден човек што треба да ги спроведе, не се ниту процес на една политичка партија, ниту процес на една Влада, туку тоа е процес пристапување кон ЕУ којшто е за целото општество заради остварување на повисок стандард, повисоки плати и да можат нашите граѓани да живеат на земја членка на ЕУ, ама тука, во нашата држава во Северна Македонија, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во други држави кои што се членки на ЕУ“ – смета премиерот Ковачевски.
Истакна дека уставните измени се пропишани со закон, а целата процедура е многу јасна и транспарентна.