Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава значи негување на сите вредности по кои духовниот и интелектуалниот творец на идејата за српската државотворност ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори. Основоположникот и првиот архиепископ на Српската православна црква, Св. Сава учеше на трпеливост, помирување меѓу луѓето, ширење на љубов и почит кај народот. Неговото учење се засноваше на вера и вистина, истакна вечерва премиерот Димитар Ковачевски на Светосавската академија, по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот ден на српската заедница.
Премиерот на своето обраќање рече дека наследството на Свети Сава не е мало, бидејќи вредностите за кои се бореше и ги застапуваше тој и неговото учење за почит кон другите и избор на мирот пред конфликтот, денес е аманет и за сите народи кои денес живеат пошироко од границите на неговата матична држава, Србија. Аманет за сите народи кои водејќи се од принципите на добрососедство и соживот, избираат да градат мир, взаемна доверба и меѓусебна соработка.
– Токму затоа сме денес овде. Да ги негуваме тие вредности кои во светот нѐ истакнаа да бидеме препознатливи по почитувањето на културните вредности на сите народи кои живеат овде. Мултикултурализмот е наш посебен белег низ вековите, со помош на кој денес ги уживаме благодетите на мир и сожителство, трасирајќи стабилна иднина и за следните поколенија, нагласи Ковачевски.
Додаде дека заедничка иднина зависи од сите нас. Без разлика колку и да сме различни, сепак, имаме една цел кон која сите се стремиме – просперитетен, отворен и современ Балкан, ослободен од предрасуди, омраза и непријателства.
Српскиот вицепремиер и министер за одбрана Милош Вучевиќ, во своето обраќање рече дека Свети Сава не припаѓа само на Србите, тој припаѓа на сите луѓе со добра волја, Свети Сава припаѓа на сите христијани, неговото дело е надвременско, таа и денеска не инспирира. Тој се осврна и на билатералните односи помеѓу двете земји и поврзаноста на соседските народи.
Тој им порача на Србите од земјава да ја сакаат и почитуваат Северна Македонија исто како што ја сакаат и Србија.
На свеченоста присуствуваа и други високи претставници на Владата и опозицијата, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политички партии, граѓански организации, здруженија, како и бројни гости од земјава и од странство.