Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на Бледскиот стратешки форум што се одржува во Словенија, денеска учествуваше на лидерскиот панел, насловен како „Солидарност за глобална безбедност“.
Премиерот во своето обраќање се осврна на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и анализирајќи го периодот од 2003 година кога нашата држава за прв пат беше ставена на агендата за проширување на ЕУ, истакна дека граѓаните во Северна Македонија се оптимисти веќе 20 години. Ковачевски рече дека и после две децении, дури 80% од граѓаните на Северна Македонија се за членство на земјата во ЕУ. Претседателот на Владата, Ковачевски, на панелот истакна дека очекува принципите на проширувањето на ЕУ да се темелат на вредностите на Унијата како и политичка и економска соработка меѓу земјите, а не да се користи домашната политика на меѓународната сцена.
Ковачевски посочи дека земјите кандидатки се тесно економски поврзани со земјите членки на ЕУ, истакна дека напредокот во државите од регионот е членството во Унијата, и посочи неколку средби со млади кои работат во Словенија, а кои доаѓаат од Северна Македонија и БиХ.
„Членството во ЕУ, ни е единствената алтернатива затоа што економиите се поврзани. Имав можност да ги видам моите Македонци кои живеат и работат во Копер, но исто така забележав кога одите долж ривиерата како да се наоѓате во БиХ. Затоа што сите келнери доаѓаат од БиХ. Зошто? За повисоки плати. И кога ги прашувам како ви е, тогаш велат не може полошо, затоа што работиме на 50 степени на сонце, на терасите. Се видов со неколку македонски студенти кои работат во кафетериите, знаете што ми кажаа, – „Ве молиме направете сè, да ја внесете нашата земја во ЕУ, сакаме да се вратиме дома и да работиме во земја на ЕУ, но дома, не овде, во Словенија““, посочи премиерот Ковачевски.