Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вечерва се обрати од Крушево на отворањето на манифестацијата научни културни средби „Десет дена Крушевска Република”. Тој порача дека секоја борба вреди ако има крајна цел. Според него, илинденските идеи денес ја градат Македонија.
-Оттука има само напред. Не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава – рече Ковачевски.
Тој додаде дека ако некој кочи прогресивни идеи, тогаш неговите интереси не се во интерес на државата. Како што истакна премиерот, сега битката се води за сегашноста и иднината.
-Немаме предрасуди кон било кого. Со овој пристап продолжуваме да се развиваме. Како Македонци со македонски јазик ни е отворен простор на европската маса. Нашето минато тече во нашите вени и никој не може да го одземе и да сака. Илинденците и Асномците со оружје јуришале кон иднината. Тоа е сегашноста која ја живееме ние денес – слободна и независна македонска држава – порача Ковачевски.