Премиерот Димитар Ковачевски денеска пред учесниците на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Тирана порача дека Северна Македонија продолжува посветено да работи на скрининг процесот и оти очекува наскоро да ги направи уставните измени со кои, како што вели, уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права.
Тој со лидери од Западен Балкан говореше на втората панел дискусија на Самитот за Западен Балкан – Европска Унија во Тирана, посветена на европските перспективи на регионот, заедничките заложби за демократијата, мирот и стабилноста на регионот и во цела Европа, како и меѓусебната поддршка во справувањето со економската и енергетската криза.
Премиерот Ковачевски истакна дека мирот и стабилноста на Балканот се предуслов за мир и стабилност на цела Европа и порача дека сите заеднички цел регион треба да се залага да се постигне оваа цел.
-Работејќи заедно на оваа важна цел, земјите од Западен Балкан, како земји од доверба на ЕУ обезбедуваат сигурна иднина како за граѓаните, така и за развој на економиите и просперитет во државите. Република Северна Македонија и Република Албанија ги започнаа преговорите со ЕУ за полноправно членство на ЕУ и продолжуваат посветено да работат на скрининг процесот со сите свои капацитети. Исто така Република Северна Македонија очекува наскоро да ги направи уставните измени со кои уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права, рече Ковачевски, пренесе владината прес-служба.