Ниту имало некаков состанок во вила „Водно“ на кој се разговарало за какви било измени и на кој било закон, ниту со тие измени се планирало какво било гласање на уставните измени. Ова го изјави лидерот на владејачката СДСМ Димитар Ковачевски на новинарско прашање за тврдењето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека пред неколку месеци Ковачевски заедно со Артан Груби и Али Ахмети од ДУИ правеле планови за уставни измени во вилата на актуелниот претседател Стево Пендаровски.
„Со индигнација ги отфрлам тие инсинуации“, рече Ковачевски.
Еден од клучните фактори во преговорите за новото владејачко мнозинство, по парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај ќе биде и донесувањето на уставните измени со кои Бугарите и пет други етнички малцинства треба да станат дел од македонскиот Устав. Измените на Преамбулата се услов со кој ќе се овозможи продолжување на преговорите со Европската Унија.