Нема да ги делам министрите и граѓаните на наши и ваши, туку ќе ги делам единствено на способни и неспособни, работливи и неработливи, на чесни и нечесни. Ова се дел од личните пораки кои ги испрати претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски во своето експозе пред пратениците во Собранието.
Тој ги повика политичарите да се обединат и да соработуваат и порача дека се отворени на критика и сугестии, но и повика на стратешки политики, не само за надворешната политика, туку и во образованието, здравството и земјоделството.
-Мора конечно да постигнеме заедничка согласност за стратешките политики. Ако досега тоа доминантно се подразбирало само на планот на надворешната политика или на меѓуетничките односи, ние ќе понудиме таков начин на управување и договор и за образованието, здравството, земјоделието. Мора да престанеме секогаш да почнуваме од почеток. Мора да воведеме систем на континуитет на доброто, и промени на погрешното, рече Ковачевски.
-Принципот на отвореност и партиципативност ќе започне од првиот ден. Нудам и се надевам на отворена соработка со сите. Сакам да разговорам со опозицијата, со академската заедница, со бизнис заедницата, со синдикатите, со граѓанскиот сектор, вети тој.
Ковачевски порача дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат и вети дека никој не смее и нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ.
-Македонските и бугарските граѓани се повеќе заинтересирани за економија, за културни, образовни и младински размени, за инфраструктура која поврзува и на овие теми мора многу повеќе да соработуваме. Историјата е на историчарите, но идентитетските прашања се темели на народот и на државата. За Владата не постои никаква дилема – никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик, посочи Ковачевски.
Ковачевски ветува обезбедување на квалитетен живот, повисок стандард, мир и спокојство кој се обезбедува само со труд.
-Многумина ме карактеризираат како технократ. Во ред. Се нафатив на оваа обврска и одговорност, не затоа што е лесно и убаво, туку затоа што е тешко и затоа што сум убеден дека мора да се најдат решенија. Во Владата ќе понудам концепт на управување и работа кој нема да објаснува зошто нешто не може да се заврши и колку е тоа тешко, туку модел во кој секој ќе знае што, како, кога и зошто ќе работи. И ќе се мерат резултатите на сработеното, а не на плановите, рече Ковачевски.