Несоодветното однесување на неколку функционери од ДУИ фрли сенка дека така фукционира целата влада, а тоа не беше така – вели лидерот на СДСМ и доскорашен премиер, Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Ковачевски не се согласува дека ДУИ бил надмоќен во власта и смета дека односите во рамки на владата биле професионални.
-Не се работи за надмоќ, туку се работи за, би рекол, несоодветно однесување на дел од функционерите на ДУИ. Јас не можам да ставам равенство помеѓу сите коишто функционирале во владата. Ние имавме, сепак, професионален однос. Сите министри работеа во рамки на своите надлежности. Најголемиот дел од нив работеа 24/7, буквално така. Знам дека тој израз е како клише во државата, меѓутоа навистина работеа. Посебно економските министри, за да обезбедат сè што е потребно за антикризни мерки до финансирање на државата. Знаете дека имавме 2,6 милијарди евра антикризни мерки. Тоа се сè законски решенија, подзаконски акти, мерки итн. Од друга страна, имаше функционери кои не покажаа соодветно однесување, па дури се однесуваа и на несоодветен начин, што даваше една слика дека целата влада функционираше така, а не беше така“, вели Ковачевски.