„Законот за амнестија беше на претходна седница на Влада. Во наредните два дена министерот за правда Лога ќе има детален брифинг за овој закон кој ќе биде доставен до Собранието. Законот за амнестија е поминат на владина седница“ рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција.
Во врска со преписките меѓу актуелни и поранешни членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски рече:
„Јас гледав вчера преписки и јавна дебата меѓу членови на ВМРО-ДПМНЕ, споменувањето на Владата во таков контекст е класична малверзација и шпекулација, а јас такви шпекулации и манипулации не коментирам“.
На прашање за негов став за тоа дека во државата постојат два концепти, Ковачевски рече:
„Ако некој дал прв изјава дека во нашата држава постојат два концепти, тоа јас го направив пред една година, едниот концепт е за европската интеграција на државата во ЕУ, а другиот концепт се залага за блокада и изолација – со плати, пензии и стандард двојно помали од денес, тоа е тоа на што мисли Ахмети. Потврдувам на следните претседателски избори, кандидатот на европската коалиција ќе биде победничкиот кандидат, а подоцна на парламентарните избори, коалицијата на европска Македонија ќе ја формира идната влада“.