Премиерот Димитар Ковачевски доцна синоќа по завршувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово што се одржa во Охрид, им честита на претседателот Вучиќ и премиерот Курти за храброста и визионерството, и посака напредок на сите граѓани на Србија и Косово на патот кон ЕУ.
-Ја поздравувам согласност постигната денес за имплементација на Договорот за патоказот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој ќе биде интегрален и обврзувачки дел на европскиот пат на двете страни. Сметам дека денешната согласност за имплементацијата на Анексот на Договорот, вклучително и согласноста за целосна имплементација на обврските од претходните договори од Дијалогот е значајно постигнување.
Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и премиерот Курти за храброста и визионерството, и да им посакам напредок и успех на сите граѓани на Србија и Косово на нивниот пат кон ЕУ.
Северна Македонија секогаш ќе биде пријател на сите земји од соседството и ќе продолжиме по патот на европските интеграции и на стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, рече Ковачевски.